Ковачевски: Иднината на нашиот јазик е иднината на нашата татковина

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски денеска имаше свое обраќање на настанот по повод Денот на македонскиот јазик.
Премиерот Ковачевски во своето обраќање истакна дека Владата искрено и силно е посветена на негувањето и унапредувањето на македонскиот јазик, бидејќи нашиот јазик е нашиот национален и културен идентитет, и во таа насока прогласувањето на 5 мај за Ден на македонскиот јазик, во чест на денот кога во 1945 година Народната влада на Народна Република Македонија ја усвои азбуката на македонскиот јазик и кириличното писмо како официјална азбука и писмо, е една од обврските за исполнување на овој завет, што ги презеде Владата од 2017 година наваму.

На настанот, на кој присуствуваа бројни претставници на политичката, општествената и академската јавност, свои обраќања имаа и министерка за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, директорката на Институтот за македонски јазик Елена Јованова-Грујовска, претседателот на Советот за македонски јазик професор Људмил Спасов, министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска и министерот за образование и наука Јетон Шаќири

Премиерот Димитар Ковачевски во одговор на новинарско прашање зошто вчера не присуствувал на чествувањата на гробот на Гоце Делчев рече дека на вчерашното одбележување на смртта на нашиот најголем основач на македонската национална борба имаше претставници на Владата на ниво на министри и заменици-министри.

– Јас се вратив, бев во Александрополис, на 3 мај беше настанот што траеше во текот на целиот ден, меѓутоа Владата имаше претставници на ниво на министри, заменици-министри на сите места каде што се чествува Гоце Делчев. Исто така и јас имав изјава која што беше проследена од медиумите, од МИА итн., на која што го одбележав овој голем ден, вчерашниот голем ден за македонскиот народ и за македонската револуционерна борба бидејќи вчера одбележавме смрт на нашиот најголем основач на македонската национална борба којшто цел свој живот го посветил и го дал за независна македонска држава во која што денес ние живееме, истакна Ковачевски.

Прашан дали во Александрополис имал билатерална средба со бугарскиот премиер Кирил Петков, Ковачевски кажа дека таму не се одржале билатерални средби.

–  Се работеше за отпочнување на работите на Енерџи терминалот. Таму беше премиерот на Бугарија, нормално, ние се видовме, меѓутоа тоа беше протоколарна средба во рамки на отпочнувањето на работите. Таму беа и високи претставници, односно амбасадорите на САД од земјите во регионот вклучително и амбасадорот во Грција, во нашата држава, во Бугарија каде што исклучиво се разговараше за енергетската трансформација, зголемување на енергетската независност на регионот бидејќи знаете дека најголемиот број од државите овде се стопроцентно зависни од руска нафта и добро е да има капацитети коишто  ќе овозможат диверзификација и коишто ќе ни овозможат пристап до други добавувачи и извори на енергенси во државата, истакна Ковачевски.

]]>

Најчитани вести