Пејачката Андреа Коевска е главна тема откако вторпат се извини за пропустот. Непромислена и брза ја нарече својата одлука да се ослободи од националниот симбол – знамето на Македонија, за фотографирање пред бројните фотоапарати, на отворањето на неколкудневниот музички фестивал. Но, бурните реакции на гневната јавност не престанаа. На социјалните мрежи зборови не се бираа и останаа повиците Андреа да биде повлечена од манифестацијата.
„Делегацијата беше навистина далеку од мене и јас одлучив во момент да го фрлам знамето. Тоа не беше од омраза, затоа што јас сум горда што доаѓам од Македонија и затоа што ми е бесмислено ова што се случува“, изјави Андреа Коевска.
Сето ова уште веднаш резултираше со став и на Македонската радио телевизија. Јавниот сервис го нарече скандалозно однесувањето на пејачката. Најавија и можност за нејзино повлекување од Евровизија иако, велат, водат сметка да не се предизвика голема штета по МРТ. Во меѓувреме, се огласија дури и од Јавното обвинителство.
„До овој момент нема индиции дека во настаот имало намера државното знаме да се изложи на подбив и исмејување“, велат од Обвинителството.
Повеќе на линкот: Телма
]]>


