Oсновачот на Амазон, Џеф Безос рече дека не му се допаѓа изразот „рамнотежа помеѓу приватниот и деловниот живот“ и нагласи дека односот помеѓу приватниот и деловниот живот нему повеќе му личи на круг.
Овој милијардер е уверен дека тајната на оваа хармонија не е во балансирањето.
За него овој термин е ограничувачки, бидејќи подразбира строг компромис, а всушност ако некој е среќен дома, ќе има енергија и за работа.
Исто така важи и обратното, ако е среќен на работа, со таа енергија се враќа дома. Затоа е важно да се мисли дека тоа е круг, а не нешто што треба да се избалансира, вели Безос.
По овие изјави, неговиот приватен и деловен круг се промени, па во јули 2021 година се повлече од позицијата извршен директор на Амазон, препуштајќи му го тоа место на Енди Џеси, поранешниот шеф на веб сервисите на Амазон.
Безос повеќе се посвети на други деловни потфати, како што се вселенските истражувања со компанијата „Blue Origin“ и филантропијата (најави дека ќе го сподели најголемиот дел од своето богатство). Во моментов тој е шестиот најбогат човек во светот.
Работата ја третира на неконвенционален начин, односно секое утро појадува со семејството, не поставува аларм за будење, се појавува на изненадувачки малку состаноци и секојдневно сам си ги мие садовите, пишува „Business Insider“.


