Третиот понеделник во јануари е прогласен за најдепресивниот ден во годината и се нарекува и Син понеделник. Како што велат експертите на овој ден започнуваат да се чувствуваат последиците од долгата зима, празните трансакциски сметки поради сите трошоци околу празниците, а новата плата се уште е далеку.
За прв „најдепресивен ден во годината“ се смета 24 јануари 2005 година, поттикнат од психологот Клиф Арнал од Универзитетот во Кардиф, кој математички пресметал зошто токму овој ден е најдепресивен. Потоа започнале обвинувањата дека резултатите објавени во медиумите всушност се платени објави и дека целата приказна за Синиот понеделник е всушност само маркетиншки трик. Универзитетот подоцна целосно се огради од Арнал, но многу колеги од оваа професија ја прифатија неговата теорија и тврдат дека има смисла.
Декември е месец полн со дружење, прослави, средби со семејството, подароци, храна и многумина се одлучуваат да одат на разни патувања и одмори. Покрај тоа, тука е и новогодишната ноќ, за која многумина трошат големи суми пари. Од целата оваа среќа во декември, нецел месец подоцна се чувствуваат последиците – сметките се празни, некои се должни, предавањата на факултетите повторно почнуваат, се ближат и испитните рокови, се трупаат работни задачи и деловни состаноци…
Друга работа што многу луѓе ги прави подепресивни во јануари се новогодишните одлуки. Можеби ги донесоа на 1-ви јануари и ги запишаа на хартија, но до ден денес не почнале или ако почнале, веќе не успеале во своите цели.
Пред неколку години, Арнал за „Индипендент“ изјави дека неговите намери никогаш не биле да го направи овој понеделник негативен, туку да ги инспирира луѓето да се движат и да донесат некои големи животни одлуки.
Сепак, не е сè така црно. Арнал пресметал и кога е најсреќниот ден во годината. На пример, во 2005 година тоа бил 24 јуни, потоа 23 јуни 2006 година, па 20 јуни 2007 година итн.
Mожеби ова видео, малку ќе го подобри вашето расположение.


