Конфикацијата е уредена со Кривичниот законик и чекаме завршниот текст да го добиеме во кој сите недостатоци ќе бидат надминати, нагласи министерот за правда Никола Тупанчевски во гостувањето во „Топ тема“.
-Имавме одредби што се однесуваа на конфискацијата, но не претерано успешно се справуваме со одземање на имотот на лицата што стекнуваа користи. Мојот предлог е криминалните приноси да се одземат уште во постапката, за потоа никој на никаков начин да не може да го оптовари имотот, кажа Тупанчевски.
Според министерот од конфискацијата во случајот „Трансмет“ државата не може 17 евра да земе, а не пак 17 милиони евра.
-Тешко оди конфискацијата на тој имот, бидејќи се покажува дека тој имот има оптоварувања и се комплицираат работите за неговата конфискација. Ние бевме поздравувани од ЕУ за износот за таа конфискација, вели Тупанчевски.
Тој додаде дека ако во старт се одземе имотот, ќе се дестимулираат луѓето да се бават со економски криминалитет.
-Новиот закон за кратко време ќе биде дел од нашата регулатива. Имаме Агенција за управување со одземен имот и се создаваат дополнителни проблеми како да биде одземен имотот. Постојат и криптовалути, акции и удели и воопшто не е лесно да се менаџираат овие процеси на одземање на имот. Треба да се корегираме, заклучи Тупанчевски.


