Ковачевски ги потензираше вложувањата во енергетиската транзиција и планот каде ќе се движи земјава во наредните години во однос на производството на електрична енергија како и за зголемивање на земјоделското производство.
„Во овие услови на раст на цени на храна и енергенси, спроведуваме успешна енергетска транзиција и одржливо земјоделско производство. Според Стратегија за енергетската транзиција ние веќе имаме јасна слика каде ќе се движи нашето производство на електрична енергија. Неодамна, ја пуштивме првата фотоволтаична централа на старите наоѓалишта на јаглен во Осломеј, 10 мегавати како државна инвестиција, помогната од ЕБОР. Новата фотонапонска електрана „Осломеј“ ќе произведува чиста, домашна енергија и ќе придонесе кон заштита на животната средина. Со оваа електрана освен што ќе ги снабдиме потребите на околу 2.800 домаќинства со електрична енергија, правиме и ре-култивација и оплеменување на 15 хектари површина“, рече Ковачевски.
Ова е прв проект со кој се заменува производството на електрична енергија од загадувачка технологија во чиста технологија и како таков е пример и за идните проекти за енергетска транзиција во земјите на Западен Балкан, додаде Ковачевски.
Во однос на земјоделското производство, веќе е направен нов интервентен план кој вклучува инвестирање во пченката, пченицата, јачменот и сончогледот, потоа во полјоделството, сточарството и овоштарството како извозни гранки на нашето земјоделие, наведува Ковачевски.
„Во однос на субвенциите воведуваме неколку новини, а тоа е прво воведување за прв пат на авансни износи на субвенции и тоа ќе почнеме оваа година со овоштарството. Што значи дека субвенциите ќе бидат исплатени 30% пред да започне сезоната, тогаш кога најмногу им треба средства на земјоделците за да може да инвестираат, а 70% потоа според планот за исплата на субвенциите. Второ, ќе бидат зголемени субвенциите за засадување на пченица, пченка, сончоглед и тоа ќе бидат на историски највисоко ниво. Ги мотивираме земјоделците да ги користат овие мерки, институциите им се на располагање да произведат повеќе домашна храна, за заеднички бенефит“, рече премирот Димитар Ковачевски во воведното обраќање на Форумот за 100 дена Влада.


