„Peel P50“ е екстремен микроавтомобил кој јавноста првпат го виде во една епизода од „стариот“ „Top Gear“. Џереми Кларксон беше маѓепсан од „автомобилчето“ со кое одеше во просториите на Би-Би-Си.
Со само 137 сантиметри должина и 99 сантиметри ширина, автомобилот нема ниту конкуренција во минималноста и може да собере само една личност и една торба. Но, најмалото можно моторизирано транспортно средство не доживеа маркетиншки успех. Произведени се само 47 примероци, а од нив само 30 функционираат до денес.
На почетокот на минатата деценија, идејата за овој мал автомобил беше повторно актуелна, а компанијата нудеше и рачно изработени копии. „Pendine Motors“ нудеше три модели, класичниот P50, кабриолет со ограничена серија и специјалниот Trident.
Сепак, само оригиналниот P50 се нудеше како комплет автомобил со мотор од 2 kW и батерија која може да издржи 80 km. Ваквата „направи сам“ понуда чинеше 11.700 евра. Не е мала, но дефинитивно е интересна идеја. За склопување на автомобилот потребни се основни алатки и не повеќе од 50 часа работа. Цената за готов, склопен автомобил изнесуваше 15.700 евра.


