Aрапски специјалитет по кој полуде интернетот: Се подготвува за 10 минути, а чини околу 120 денари

Доколку ги следите гастро блогерите на Инстаграм, веројатно не сте го пропуштиле се попопуларниот специјалитет „шакшука“ – јадење од зеленчук и јајца, многу вкусно, па дури и фотогенично поради светлите бои, во исто време евтино и брзо за подготовка.

Станува збор за арапски специјалитет кој е популарен на Блискиот Исток и Израел, а првично потекнува од Тунис. Се подготвува многу брзо и едноставно, а резултатот не може да не биде спектакуларен. Исто така е многу здрав, ќе ве чини околу 120 денари, а можете да го послужите како појадок или лесен ручек.

Потребни состојки:

1 голема пиперка

1 главица лук

400 грама сечкани домати

4 до 6 јајца

2 главици кромид

1 лажичка бибер

1 лажичка шеќер

-сол, маслиново масло, магданост, босилек, пармезан, сирење по желба

Подготовка:

Во длабока тава загрејте го маслиновото масло, па додадете го ситно исечканиот кромид. Се динста кратко, па се додава сечканиот лук, а потоа и пиперката исечкана на коцки. Кога пиперката ќе омекне, додадете ги доматите, зачините и шеќерот. На крај додадете ги јајцата едно по едно, како да правите „јајца на око“ и внимавајте да не се измеша жолчката.

Покријте ја тавата и оставете ја на оган околу 10 минути.

Она што е важно е сосот да не се залепи на дното на тавата, па затоа внимавајте на температурата на ринглата. Кога ќе биде готово, посипете со магдонос или босилек, а доколку сакате дополнително да го збогатите овој специјалитет, одозгора можете да додадете малку пармезан или изрендајте сирење.

Најчитани вести