Се одржа „Крап куп Дебар 2023“, победник екипата „Ретро“ од Дебар

На брегот на Дебарско Езеро, кај градската плажа, изминатите четири дена се одржа традиционалниот натпревар во риболов „Крап куп Дебар 2023“.

Силите, подготвеноста и умешноста во ловењето крап ги одмерија 15 екипи со по тројца членови, од градот домаќин, како и од Скопје, Тетово, Кичево и струшките села Враништа и Лабуништа.

Првото место, со уловени 14 килограми и 290 грама, го освои екипата на „Ретро“ од Дебар, втора беше екипата на „Алхемичари 1“ од Кичево со уловени 10 килограми и 290 грама, додека треба екипата „Статер“ од Враништа со уловени 8 килограми и 550 грама.

Наградата за најголема риба ја делат „Ретро“ и „Статер“ со уловени примероци од по 6 килограми и 800 грама.

Организатори на натпреварот беа спортското риболовно друштво „Трофта“-Дебар и „Carp Tim“-Тетово, главен покровител беше Општина Дебар. Поддршка имаше и фирми од повеќе градови.

Медалите и пехарите на победниците им ги врачи градоначалникот Хекуран Дука.

-На победниците им ги честитам освоените места. Горд сум што нашиот град беше достоен домаќин на една ваква активност и задоволен од бројот на екипите учеснички. Ви посакувам на сите добро здравје, голема среќа во животот и риболовот и убеден сум дека повторно ќе се видиме на други натпревари, но како рекреативни риболовци секогаш сте добредојдени, рече Дука.

Задоволство од успешно реализирниот натпревар изрази и претседателот на дебарското риболовно друштво Бели Халити.

-Поминавме убава дружба, така посакувам да продолжиме зашто и вие и сите рекреативни риболовци се добредојдени на нашето езеро и во нашиот град. Голема благодарност до главниот спонзор-општина Дебар и до сите спонзори. Риболовот е начин на живот, лек за душа, убавина за очи, рече тој.

Освен медалите и пехарите, за прво место доделена беше награда од 300 евра, за второ 200 и трето место 100 евра. За најголема уловена риба наградата беше 100 евра, а ја делеа две екипи. Имаше и други награди обезбедени од спонзори.

МИА

Најчитани вести