Со натпреварите од воведното коло попладнево стартуваше Светското екипно првенство за сениори во шах, кое вчеравечер свечено беше отворено во Струга, со обраќања на претседателот на Шаховската федерација на Македонија (ШФМ), Саша Богдановиќ, претставникот на Светската шаховска федерација (ФИДЕ), Огзур Солакоглу, и заменикот директор на Агенцијата за млади и спорт (АМСМ), Исак Лизами.
На Светското првенство во струшкиот хотел „Изгрев“ ќе настапат вкупно 48 екипи од 17 шаховски федерации, поделени во две возрасни категории, над 50 и над 65 годишна возраст.
Пријавени за настап се четири македонски екипи.
Во категоријата над 50 години, во која се пријавени 22 екипи, ќе настапат „Македонија Алкалоид“ и „Македонија“, екипа составена од слепи и слабовидни шахисти.
Во категоријата над 65 години, меѓу 26 тимови ќе настапи екипата „Македонија“, а покрај трите во машка конкуренција, на СП ќе настапи и една македонска женска екипа, во категоријата над 50 години.
МИА


