Турчинката Румејза Гелги, висока 215 сантиметри, влезе во Гинисовата книга на рекорди како највисока жена во светот.
Нејзина голема желба била да замине на патувањето на својот живот, па од Истанбул се упатила кон Сан Франциско. Во исто време, тоа ѝ било прво патување со авион.
Со оглед на тоа дека летот трае околу 13 часа, екипажот морал да отстрани дури шест реда седишта за да ѝ обезбеди на оваа жена барем малку соодветни услови за летање.
Поради сколиозата која ја има таа не може долго да седи, па ѝ дозволиле да лежи на носилка, а пред полетувањето разговарала и со новинарите.
„Ова ќе биде мој прв лет, како и мое прво патување во странство. Но, верувам дека ова искуство ќе биде прво за многу поединци, не само за мене. Како што знаете, можноста за патување на носилка обично е резервирана за пациентите кои се префрлуваат од едно во друго одделение за интензивна нега“, изјавила таа.
На крајот од летот таа им се заблагодарила на сите членови на екипажот и додаде дека ова сигурно нема да ѝ биде последен пат да лета со авион.
Инаку, Румејза собори три нови светски рекорди. По неодамнешното мерење, таа стана жената со најголеми раце, како и со најдолги прсти и грб.
Нејзината десна рака е долга 24,93 см, додека просечната женска рака е долга околу 17 см.


