За девет месеци во 2023 изречени 5714 мерки за пребрзо возење на тетовското подрачје

Во изминатите девет месеци од годинава биле изречени 5714 мерки за пречекорување на максимално дозволената брзина при редовните и засилени контроли за брзина со која се движат возилата во и надвор од населено место. 

Секторот за внатрешни работи Тетово информира дека пропишаната брзина најчесто се пречекорувала на автопатот Гостивар-Тетово-Скопје, но и на околните регионални патишта, како и на влезот во Тетово.

-Често пати пречекорувањето било над 50  и над 70 километри на чад над дозволеното. На сите прекршители изготвени им се законски предвидените поднесоци и тие ќе се соочат со парични глоби од 45 до 400 евра во денарска противвредност, зависно од големината на пречекорувањето. На екстремно брзите возачи времено ќе им бидат одземени и нивните возачки дозволи од три месеци до една година, вели портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски.

Секторот за внатрешни работи Тетово и во наредниот период ќе продолжи со контроли за брзина.

-Дотолку повеќе што токму пребрзото возење беше и остана најчестата причина за случување на сообраќајни несреќи со најтешки последици, со загинати или тешко повредени лица. Токму затоа, уште еднаш се апелира до возачите и посебно до оние со помал возачки стаж да ја прилагодат брзината според условите на патот, да не престигнуваат на забранети и непрегледни места и да не консумираат алкохол или наркотични средства кога седнуваат зад волан. Зашто, во спротивно ја доведуваат во сериозен ризик сопствената и безбедноста на другите учесници во сообраќајот, информира Јосифоски.

Во неделата и понеделникот СВР Тетово бележи две сообраќајни несреќи со смртни случаи при излетувања од коловозните ленти.  Во двете несреќи, загинаа 18 годишници од Чегране и Синичане.

МИА

Најнови вести

Најново од Хроника

Најчитани вести