Стевчо Јакимовски на 2 јули треба да се јави во затвор

Судија за извршување на санкции при Основниот кривичен суд Скопје му издаде упатен акт на поранешниот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски, за издржување на едногодишната казна затвор. Како што соопштуваат од Кривичен суд, осудениот е упатен да се јави во Затвор Скопје на 2 јули 2026 година.

Претходно, Апелацискиот суд Скопје делумно ја потврди првостепената пресуда во предметот за изградбата на општинската зграда во Карпош и ја потврди едногодишната затворска казна за кривичното дело бесправно градење. Во казната ќе му биде пресметано и времето поминато во куќен притвор од 19 март до 15 август 2019 година.

Во делот за кривичното дело злоупотреба на службената положба, жалбата на обвинетиот е уважена и предметот е вратен на повторно судење. Според судот, станува збор за дејствија од периодот 2011–2017 година, за кои постои можност за застарување во 2027 година.

Основниот кривичен суд Скопје во април минатата година му изрече на Јакимовски вкупна казна затвор од три и пол години за бесправно градење и злоупотреба на службената положба поврзани со изградбата на општинската зграда во Карпош.

МИА

Најнови вести

Најново од Македонија

Најчитани вести