Тренерот на шкотскиот гигант Селтик, Брендон Роџерс, изјави оти е разочаран во која насока се движи модерниот фудбал, оценувајќи оти сè повеќе наликува на компјутерска игра поради користењето на ВАР технологијата.
„Фудбалот почнува сè повеќе да наликува на компјутерските игри, Сите одлуки се носат на екранот. Тоа не е фудбал. Тоа не е играта која ја познаваме и ја сакаме“, рече Брендон, испровоциран по поразот на Селтик претходно оваа недела од Атлетико Мадрид (0-6), кога неговиот тим со одлука од ВАР собата веќе на самиот почеток остана со играч помалку поради црвен картон.
Поранешниот тренер на Ливерпул и Лестер оцени дека прекумерното користење на ВАР технологијата ја „убива“ течноста и флуидноста на фудбалската игра.
„Ако сега ме прашувате би ја укинал ВАР технологијата и би се вратил на чистиот фудбал. Знам дека имаше (судиски) грешки, но попрво би го прифатил тоа, отколку ова што денес го гледаме“, рече Роџерс.
МИА


