Привршува откупот на костените во Дебарско, одгледувачите задоволни од откупната цена

Привршува откупот на познатиот, по квалитет, дебарски костен, кого го одгледуваат над 200 семејства, кои велат дека се задоволни од заработката.

– Родот кај костените годинава беше помал за околу 20 отсто споредено со минатата година, но се со многу подобар квалитет. Костенот во Дебарско е засаден на околу 250 хектари, а собрани беа над 200 тони. Над 200 семејства од овој регион се занимаваат со производство на костени и како што велат ова јаткасто овошје носи добра заработувачка, изјави за МИА, Арбен Муладаути, раководител на Подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Тој додава дека и понатаму организиран откуп на костени нема, но и покрај тоа откупот е при крај. Посочува дека тој е многу баран бидејќи експертите од нашата земја велат дека е органски и се карактеризира со посебна арома и има ниво на шеќер што всушност одговара на барањата на европскиот пазар, каде ќе завршат дел од костените.

– Годинава и јас брат ми имавме по нешто повеќе од две илјади килограми. Откупната цена се движеше од 60 до 100 денари за килограм. Задоволни сме од заработката, која поединечно е по околу 2.300 евра. Имаме оставено помала количина која ќе ја пласираме на дебарскиот пазар, каде цената на мало се движи и до 200 денари, вели Дилавер Дема, кој костенови насади има во селото Бомово.

Во поширкиот дебарски регион најмногу насади со костен има во пограничните села, Џепиште, Отишани, Селокуќи, Коњаре и Бомово, како и во атарите на селото Горенци, општина Центар Жупа и долнореканското село Скудриње. 

МИА

Најнови вести

Најново од Агро Бриф

Најчитани вести