„Планот за раст на Западен Балкан е во суштина резултат на барањата на Владата да добиеме пристап до привилегии од зачленувањето во ЕУ, уште пред тоа формално да се случи, односно додека траат преговорите. И еве се случи“ рече премиерот Димитар Ковачевски во интервју за „Цивил“.
Тој додаде дека овозможена ни е финансиска помош за реализација на реформите што се најпотребни за евроинтеграцијата.
„За прв пат имаме резервирани пари за реформи. За првпат ни се отворени можности за вклучување во програми, во коишто не сме биле вклучени досега. Се овозможува на државите од Западен Балкан да се поврзат, преку спроведувањето на реформите по европскиот пат. И многу важно за граѓаните и компаниите, со Планот за раст е овозможен пристап до европскиот заеднички пазар. Што значи дека нашите производи и услуги ќе почнат да се пласираат на Единствениот европски пазар и пред нашето официјално членство во ЕУ“ рече Ковачевски.
Премиерот додаде дека тоа е пазар од половина милијарда луѓе, што отвора реална шанса за нови вработувања, повисоки плати, професионалност, конкурентност и го носи напредокот дома, што го посакуваат македонските граѓани, над 30 години од независноста на државата.


