Забрчанец: Планот за раст, Отворен Балкан и Берлински процес се за практикување на европските слободи и мобилност, пред членството во ЕУ

„Очигледно е дека Планот за раст црпи позитивни искуства од повеќето постоечки регионални иницијативи како што се Отворен Балкан и Берлински процес. На пример, Зелените ленти за брз проток на транспортерите на стоки и производи кои веќе функционираат меѓу државите од Отворен Балкан (на граничните премини Табановце и Ќафасан), предвидено е да се имплементираат и меѓу останатите држави од Западен Балкан. Ваквите иницијативи не се ништо друго туку практикување на европските слободи и мобилност, секој ден сѐ повеќе, до конечно членство во Унијата. Верувам дека слободниот пазар на труд и отстранувањето на работните дозволи меѓу државите од Отворен Балкан ќе даде брзи резултати и придонес кон единствениот заеднички пазар,“ рече  Марјан Забрчанец, Национален координатор за Отворен Балкан и за регионални иницијативи , за gradska.mk.

Тој изрази очекување дека оваа мерка во скоро време ќе биде препознаена како приоритет и ќе биде иницирана и имплементирана и во останатите три држави од Западен Балкан.

„Планот за раст во себе содржи и свои уникатни економски мерки и придобивки за граѓаните кои секако ќе имаат позитивно влијание и врз останатите регионални иницијативи. Таква е на пример мерката за намалување на трошоците при финансиски трансакции меѓу државите на ЕУ и државите на Западен Балкан“, смета тој.