Битиќи: Платите во преработувачката индустрија пораснаа за 88 отсто, во рударството 82 од 2016 до 2023 година

„Зголемувањето на благосостојбата на нашите граѓани е главната цел на нашата влада. Во периодот 2016-2023 година забележавме извонредно зголемување на просечната плата не само во јавниот сектор, туку и во приватниот сектор“ напиша на социјалните мрежи вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи.

Тој сподели графици на кои се гледа дека платите во преработувачката индустрија пораснале за 88 отсто, од 17.097 денари на 32.197 денари. Платите во  рударството и вадење камен пораснале од 26.247 денари на 47.958 денари или 82 отсто.

Од графикот споделен од вицепремиерот Битиќи може да се види дека во земјоделството, шумарството и рибарството платите пораснале за за 71 отсто, од 16.870 на 28.950, додека во снабдувањето со електрична енергија платата пораснала за 31 отсто, од 37.226 на 49.089 денари.

Слична е ситуацијата во поголемиот број сектори, каде што платите реално растеа изминатиот период, а најголем процентуален раст имаат забележано платите во секторот информации и комуникации, од 36.501 денар на 70.017 денари.