Николовски: Во следните четири години вложуваме една милијарда и 350 милиони евра за субвенции и модернизација на земјоделството

„Даваме збор за историски највисока финансиска поддршка во земјоделството. Во следните 4 години вложуваме една милијарда и 350 милиони евра за субвенции и за инвестиции во модернизација. 750 милиони евра субвенции и 600 милиони евра капитални инвестиции и проекти за рурален развој, до крајот на новиот мандат“ рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство и коносител во ИЕ3, Љупчо Николовски на промоцијата на програмата на СДСМ, „Програма за европска иднина“.

Тој додаде дека од 2025 година ќе се обезбеди систем за целосно електронско аплицирање, а про примерот на зелената нафта, која што за сите земјоделци се обезбедува целосно, се воведуваат и земјоделски картички, на кои дел од субвенциите земјоделците ќе ги добиваат наменски, за набавка на репроматеријали.

„Имаме конкретен план за да обезбедиме рекорно домашно производство на македонска храна, во вредност од 1.5 милијарди евра, со извоз на домашни земјоделски производи, кој ќе достигне 1,25 милијарди евра. До 2028 година повеќе извоз од увоз на храна“ рече Николовски.

Тој додаде дека во наредните четири години ќе се вложат и нови 100 милиони евра во руралниот развој.