Холивудската дива Мерилин Монро во далечната 1952 година за магазинот „Pageant“ открила како го започнува денот.
Иако беше позната по својот изглед и актерски способности, дали знаевте дека Мерилин Монро уживала во готвењето.
Но, поради бројните обврски немала време да подготвува сложени оброци, па консумирала брзи и едноставни оброци со висока содржина на протеини, кои ѝ ја давале неопходната енергија.

Така, секое утро појадувала топло млеко со сирови јајца. Во една статија за нејзините навики во исхраната и режимот на вежбање објавена во списанието „Pageant“ во 1952 година, Монро открила дека секое утро пред да се истушира, загревала млеко на ринглата што ја чувала во својата соба.
– Кога млекото ќе се загрее, кршам две јајца, ги матам со вилушка, ги додавам во млекото и го пијам додека се облекувам – рекла холивудската дива.
Исто така, на појадокот му додавала и мултивитаминска таблета.
– Се сомневам дека кој било лекар би можел да препорача похранлив појадок за зафатена девојка како мене – нагласила актерката.

Монро никогаш не спомнала што ручала, па се претпоставува дека тоа бил оброк што го прескокнувала. Но, за вечера се честела со месо, а омилени ѝ биле големите стекови, јагнешки котлети и џигер од локалниот пазар.
– Го печам месото во електрична рерна и го јадам со неколку сирови моркови – објаснила Мерилин.
Дали сировите јајца се безбедни за јадење?
Многу луѓе се загрижени дека ќе добијат салмонела ако јадат сирови јајца, но мешавина од сирови јајца и протеински шејкови веќе со години го консумираат бодибилдерите бидејќи веруваат дека на тој начин ги зајакнуваат мускулите.

Несомнено, постои ризик од изложеност на салмонела, меѓутоа, според податоците собрани во 1990-тите, само едно од 20.000 јајца го содржи овој ризик, пренесува Soyummy.com.
извор: slobodenpecat.mk


