Советот на обвинители и Државниот обвинител на Косово бараат од Владата да не им се меша во работата

Советот на обвинители на Косово (КПК) и Канцеларијата на главниот државен обвинител (ЗКПШ) ја осудија вчерашната изјава на министерот за финансии, Хекуран Мурати, кој го обвини Специјалното обвинителство дека се однесува како „слуга на опозицијата“, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во денешното заедничко соопштение на двете институции се бара од носителите на владините функции да бидат внимателни, воздржани и да не ја попречуваат работата на обвинителите.

„КПК и ЗКПШ во оваа прилика бараат носителите на владините функции да бидат внимателни, воздржани и да не ја попречуваат работата на обвинителите во вршењето на кривичното гонење и извршувањето на уставните и законските должности. Работата и постапувањето на државните обвинители, вклучително и на Специјалното обвинителство, се објективни, професионални, засновани на закон, докази и факти“, се наведува во соопштението.

Во реакцијата исто така се забележува дека има тенденции на политички партии, вклучително и претставници на Владата, да го нарушат кредибилитетот и професионалноста на Специјалното обвинителство.

„Затоа, тенденциите на актери на политичките партии, вклучително и претставници на Владата, кои имаат за цел да го нарушат кредибилитетот и професионалноста на Специјалното обвинителство, беа и ќе бидат неуспешни. КПК и ЗКПШ го поддржуваат Специјалното обвинителство во извршувањето на неговите функции, односно во бескомпромисната борба против сите кривични дела од надлежност на ова обвинителство“, се вели во соопштението.

Мурати во неделата изјави дека Специјалното обвинителство не е заинтересирано за борба против корупцијата, туку е заинтересирано за „борба против Албин Курти“. 

МИА

Најчитани вести