Пратеничката на СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, на денешната собраниска седница за Предлогот за разрешување членови на Владата, рече дека разрешувањето на министерот за култура Зоран Љутков е признание за неговото неуспешно работење и за целосниот застој во културата во изминатите две години, откако ВМРО на власт.
„Две години имавме министер актер кој навистина треба да признаеме дека многу добро ги одглуми овие две години. Две години лажеше наоколу за колективниот договор. Го лажеше Синдикатот на културата. Ги лажеше и културните работници. Ветуваше поголем буџет, поголем буџет има, ама не знаеме за што е“, обвини Костадиновска-Стојчевска.
Таа посочи дека Министерството за култура по две години нема јавни резултати од конкурсите, нема повик за капитални дотации до единиците на локалната самоуправа и нема ниту еден нов капитален проект, туку само продолжување на активности започнати во претходниот период, кога на валст беше СДСМ.
Костадиновска-Стојчевска нагласи дека меѓу проектите што биле започнати и оставени како наследство се просториите за Националниот џез оркестар, кино „Партизан“, киното во Валандово, како и новите локални центри за култура.
Таа потсети и на други процеси реализирани во претходниот период, меѓу кои првата реституција на икони во регионот, добивањето на титулата Европска престолнина на културата и поддршката за развој на културните процеси, оценувајќи дека дел од овие активности не продолжиле во мандатот на актуелниот министер.
„Имавме пет нови национални установи и секоја од нив е со посебна традиција, со посебен придонес, на кои при секое негово јавно излегување им се заканува затворање“, рече Костадиновска-Стојчевска.
Костадиновска-Стојчевска посочи и на односот на Министерството кон македонскиот јазик, потенцирајќи дека најголемиот резултат од претходниот период беше донесувањето на новиот Закон за употреба на македонскиот јазик, кој, како што рече, актуелниот министер не успеа да го спроведе.
„Најголемиот придонес од тие две години пред Љутков е новиот Закон за употреба на македонскиот јазик, од времето на СДСМ, ама тој не знае да го спроведе две години. Во тој закон имаше Инспекторат за македонски јазик, на којшто откако му го намали статусот никако да му овозможи да профункционира“, истакна таа.
Костадиновска-Стојчевска обвини дека наместо развој, културата во изминатите две години се соочи со сериозен институционален пад. Таа обвини дека македонистиката е доведена „на колена“, нема конкурс за поддршка на преводи за странски издавачи, Советот за македонски јазик е игнориран, статусот на Охридскиот регион во УНЕСКО е под сериозна закана, а културното наследство е запоставено.
Костадиновска-Стојчевска предупреди и на нетранспарентноста во распределбата на средствата за култура, како и на проблемите со Колективниот договор и тужбите од културните работници.
„Во две години имавме нетранспарентност, 800 тужби за скратени, намалени плати, свесно намалени плати и непочитување на Колективниот договор. Имавме нејасна поделба на државните пари за култура“, рече Костадиновска-Стојчевска.
Таа ги отфрли тврдењата дека проблемите со Колективниот договор биле наследени, потсетувајќи дека актуелниот министер претходно го поддржувал неговото донесување.
„Колективниот договор, и покрај неговите ноторни лаги две години, беше потпишан со согласност од сите релевантни министерства, запишан во националниот регистар и регистриран. Тој беше тој што велеше: ‘Ова е колективниот договор за којшто се боревме’. Каков проблем наследил од Колективниот договор не знам, кога само во минатата година имаше 800 тужби, а јас немав ниту една. Нема толку постови колку што може да напише министерот коишто може да го покријат срамот којшто тој ѝ го донесе на неговата фела. Токму затоа денес можеме да кажеме дека, ‘министре, пак победи културата и се спушти завесата на вашите две години’, порача Костадиновска-Стојчевска.
СДСМ Центар за комуникации со јавноста


