Рижотото со печурки е класично италијанско јадење со кремаста текстура и богат вкус. Со неколку едноставни состојки и малку трпение, можете да подготвите ароматичен и вкусен оброк, идеален за ручек или вечера.
Состојки:
- 1 литар говедски бујон
- 2 лажици путер
- 2 лажици маслиново масло
- 400 грама мешани печурки
- сол, по вкус
- свежо мелен црн бибер, по вкус
- 1 главица кромид
- 1 чешне лук
- 200 грама ориз
- 150 мл суво бело вино
- 40 грама рендан пармезан
- 1 лажица ситно сечкан магдонос
Начин на подготовка: Загрејте го бујонот на тивок оган и одржувајте го топол во текот на подготовката на рижотото. Во поголема тава загрејте половина од путерот и маслиновото масло. Додадете ги печурките исечени на листови, посолете, наросете црн бибер и пржете 4–5 минути, додека не поруменат и не испари течноста.
Извадете ги печурките од тавата и оставете ги настрана. Во истата тава додадете ги преостанатиот путер и маслиновото масло. Ставете го ситно сечканиот кромид и издробениот лук и пржете додека кромидот не стане проѕирен. Додадете го оризот и мешајте неколку минути, додека зрната не станат стаклести.
Налејте го белото вино и оставете оризот целосно да го впие. Постепено додавајте по половина шолја топол бујон, со постојано мешање. Новата количина додавајте ја дури откако претходната ќе се впие. Продолжете со додавање на преостанетиот бујон на ист начин, додека оризот не омекне, но да остане малку цврст ал денте. Вратете ги печурките во тавата, додајте го ренданиот пармезан и внимателно измешајте. По потреба зачинете со сол и свежо мелен црн бибер.
Послужете го рижотото веднаш, посипано со ситно сечкан магдонос и, по желба, со дополнително рендан пармезан.Наместо свежи печурки, можете да употребите околу 60 грама сушени печурки, претходно потопени во топла вода за да омекнат.
МИА


