Новите правила за правата на патниците во воздушниот сообраќај во Европската Унија денеска се очекува официјално да бидат одобрени од министрите на земјите-членки, со што ќе биде завршена последната процедура пред нивното стапување во сила.
Реформите што претходно добија поддршка од Европскиот парламент, треба да почнат да се применуваат во средината на 2027 година и ќе донесат дополнителни права за семејствата што патуваат, патниците со попреченост и лицата со намалена подвижност.
Според новите правила, децата помлади од 14 години ќе имаат право да седат до своите родители во авионот без да мора да плаќаат дополнителна такса за избор или резервација на седиште. Тоа право ќе се однесува и на бремените патнички, како и на лицата со намалена подвижност кои патуваат со придружник.
Авиокомпаниите ќе мора бесплатно да ги корегираат печатните и правописните грешки во имињата на патниците наведени на билетите, како и да не смеат да наплаќаат надомест за печатење бординг-карти за регистрираните патници.
Новата регулатива е насочена кон поголема заштита на патниците и појасно дефинирање на обврските на авиокомпаниите во рамките на воздушниот транспорт во ЕУ.
Во однос на компензациите за патниците при доцнење и откажување на летови, постојните правила ќе останат главно непроменети, независно повеќегодишните несогласувања меѓу земјите-членки и Европскиот парламент околу измените на овој дел од регулативата.
МИА


