„Смрт за Нова демократија, запаливи направи пред вашите домови“; „Стравот менува табор“; „Слобода за анархистите за случајот со експлозивните механизми во Солун“, се дел од заканувачките пораки, испишани пред домот и канцеларијата на заменик-министерката за миграција и азил на Грција, Севи Волудаки на грчкиот остров Крит, јави дописничката на МИА од Атина.
Волудаки на социјалните мрежи објави фотографии од испишаните пораки, нагласувајќи дека не се плаши и заканите нема да ја одвратат од нејзината должност, додека пак говорејќи за државната телевизија „ЕРТ“ посочи третпат е мета на напад, а еднаш бил поставен и импровизиран експлозивен механизам.

Заканувачките пораки се на нешто повеќе од десет дена по експлозивните механизми на три различни локации во Солун, пред домовите на претседателот на Управниот комитет на Нова демократија во Солун, Зисис Јоакимовиц, на поранешниот пратеник од партијата Савас Анастасиадис и на партиската кандидатка Афродити Нестора, при што загина нејзината мајка, беа повредени четири лица, а за експлозиите беа уапсени три лица.
– Ме разгневува што постојат луѓе кои избираат да застанат на страната на убијците на мајката на Афродити Нестора. Не се плашам. Не подлегнувам на уцени. Не се повлекувам. Ќе продолжам да им служам на граѓаните со истата доследност и решителност, бранејќи ги принципите на демократијата и владеењето на правото. Стравот никогаш не бил мој избор. И нема да стане ниту сега, напиша Волудаки на Фејсбук.

Заканите до заменик-министерката ги осуди владиниот портпарол Павлос Маринакис, кој рече дека ваквите постапки „немаат никакво место во едно правно уредено општество“ и дека „демократијата не ја плашат насилниците“.
– Кога некои стигнуваат до таму да напишат „Смрт за НД“ и „Запаливи направи во вашите домови“ пред домот на заменик-министерката Севи Волудаки и нејзиното семејство, тогаш не станува збор за чин на протест. Пред нас имаме организиран обид за заплашување, брутален напад врз демократијата. Пред нас имаме криминалци, посочи Маринакис.
МИА


