Германска пошта укинува 8.000 работни места





Дојче пост ќе укине 8.000 работни места до крајот на годината. Станува збор за достава на писма и пакети во земјава, каде на почетокот на годинава во оваа фирма работеле околу 187.000 луѓе. Поштата сега укинува околу четири проценти од работните места, а при намалувањето на бројот на вработени наводно ќе се водат од социјалниот аспект. Компанијата со седиште во Бон го објасни својот потег дека „сака да стане помала и поефикасна“.

„Намалувањето на бројот на работни места ќе се постигне преку природна флуктуација“, вели извршниот директор Тобиас Мајер. Испораката на писма со години е проблем за поштенските услуги поради падот на бројот на пратки, но тоа не значи дека DHL ќе престане да работи, нагласи Мејер.

Програмата за штедење влијае и на други области на глобалната логистичка компанија DHL, која работи во Германија под името Deutsche Post и има околу 600.000 вработени ширум светот.

Зголемените трошоци му создаваат проблеми на концернот: минатата година успеал да го зголеми прометот за три отсто на 84,2 милијарди евра, но оперативната добивка (EBIT) паднала за 7,2 отсто, односно на 5,9 милијарди евра. Се очекува мерките за штедење да ги намалат трошоците за повеќе од една милијарда евра, пишува Дојче Веле.

Мејер: зголемувањето на поштарината не е доволно

Најавата за укинување на работните места во Германија доаѓа само два дена по потпишувањето на колективниот договор со синдикатот ver.di, кој застапува 170.000 поштари, работници за испорака на пакети и други логистички работници. Двегодишниот колективен договор предвидува зголемување на платите веднаш за два отсто, а во втората година уште три отсто. Дополнително, сите работници добиваат дополнителен ден годишен одмор, а долгогодишните работници уште еден ден одмор.

Мејер смета дека овој колективен договор е една од причините за намалување на бројот на работни места. Договорот го зголемува притисокот на трошоците, рече Мејер, објаснувајќи: „Овој колективен договор ќе не чини околу 360 милиони евра до крајот на 2026 година“. Ова, рече, се случува во деловно опкружување „во кое бележиме значително забрзан пад на достава на писмата“.

Според него, зголемувањето на поштарината што стапи на сила на почетокот на годинава не е доволно. Индустријата страда од „предизвикувачки регулаторни услови“ и „релативно слаба економија“, вели тој. „Тоа се однесува и на развојот на ситуацијата кога станува збор за испорака на пакети, со што не можеме да го компензираме падот на испораката на писма, за разлика од порано“, вели Мејер.

Најнови вести

Најново од Свет

Најчитани вести