Фото: Радио Кочани
На концерт на групата ДНК ноќеска се запалила дискотекта „Пулс“ во Кочани при што биле повредено повеќе од 100 лица. Повеќето од повредените се пренесени во кочанската општа болница, а поради сериозност на повредите здобиени како резултат на пожарот и вдишување чад дел од повредените се пренесени во Клиничката болница во Штип, во Градската општа болница „8 Септември“ и на Скопските клиники.
Пред Болницата во Кочани се наоѓаат голем број на блиски и роднини на повредените и на починатите. Општинската организација на Црвен крст прави списоци за утврдување на идентитетот на загинатите лица.
Во првичната информација од МВР за МИА, се посочува дека најмалку 50 лица се загинати.
Според информациите објавени во дел од медиумите пожарот најверојатно настанал поради употреба на пиротехнички средства.
Сите надлежни служби, вклучително и јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кочани се на терен. Бројот на жртви и повредени се утврдува. Се уште се преземаат дејствија и се врши увид.
Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, како и основните јавни обвинители на ОЈО Скопје и на ОЈОГОКК се на пат кон Кочани. На кочанското обвинителство ќе му бидат ставени на располагање сите капацитети на обвинителствата за итно постапување, пренесе МИА.


