Западна Европа беше најтешко погодена, а 2024 година беше десеттата највлажна година што регионот ја видел од 1950 година, кога почна да се води евиденција. Невремето и поплавите предизвикаа и материјална штета од 18 милијарди долари.
– Ова се „најобемните поплави“ што ги доживеа Европа „од 2013 година – истакна Саманта Бурџис од Европскиот центар за временски прогнози со среден опсег (ECMWF) за време на прес-конференција.
Овие катастрофи се случија за време на најжешката година што светот ја видел од почетокот на евиденцијата, и најжешката за Европа, а покажуваат дека затоплувањето на планетата апсорбира повеќе вода од атмосферата и доведува до посилни врнежи и поплави.
– Секое дополнително зголемување на температурата е важно затоа што ги интензивира ризиците за нашите животи, нашите економии и нашата планета – истакна Селесте Сауло од Светската метеоролошка организација.
Во септември бурата Борис за пет дена донесе тримесечни дождови предизвикувајќи сериозни поплави и материјална штета во осум земји во Централна и Источна Европа.
Еден месец подоцна, моќните бури, поттикнати од топлите и влажни ветрови од Медитеранот, предизвикаа поројни дождови во Шпанија, што резултираше со големо уништување во Валенсија и загуба на 232 животи.
Речиси секој месец од 2024 година, во Европа беа забележани сериозни поплави: во јануари во Британија, во февруари во Северна Шпанија, во март и мај во северна Франција, во јуни во Германија и Швајцарија.
Во исто време, Југоисточна Европа го доживеа најдолгиот топлотен бран некогаш забележан, кој траеше вкупно 13 дена, шведските глечери се повлекоа со најбрзата стапка што некогаш била забележана. Со тоа се зголеми и топлотниот стрес кај жителите на континентот.
Според Бурџис, „овој контраст“ не е директно поврзан со климатските промени туку повеќе со спротивставени системи на притисок што влијаат на облаците и на транспортот на влага.
Но, бурите во 2024 година „веројатно беа посилни поради потоплата и повлажна атмосфера“, објасни таа.
– Со климатските промени набљудуваме почести и поекстремни временски настани – додаде таа.
Со ова се потврдуваат и предвидувањата на климатските експерти од ИПЦЦ (Меѓувладиниот панел за климатски промени), според кои Европа е еден од регионите во светот каде што најмногу ќе се зголеми ризикот од поплави поради глобалното затоплување.
Само половина од европските градови имаат развиено планови за адаптација за справување со екстремни временски настани, какви што се топлотни бранови и поплави.
– Ова е охрабрувачки напредок во споредба со 2018 година – кога беа подготвени само 18 отсто од европските градови, се забележува во извештајот.
извор: slobodenpecat.mk


