Најбогатите луѓе во Русија го зголемија своето богатство на рекордни 625,5 милијарди долари

Најбогатите луѓе во Русија го зголемија своето богатство за повеќе од осум отсто во изминатата година, на вкупно 625,5 милијарди долари, а најмалку 146 милијардери се на листата на руската верзија на листата на најбогати луѓе во Русија на Форбс, објави во четвртокот магазинот.

Бројот на руските милијардери достигна нов рекорд, како и нивното вкупно богатство, според најновото рангирање на магазинот Форбс.

Според листата, 146 руски граѓани сега се меѓу најбогатите луѓе во светот, соборувајќи го претходниот рекорд од 125 што беше поставен минатата година.

Вагит Алекперов, поранешниот шеф на нафтената компанија Лукоил, втора година по ред се најде на врвот на листата на Форбс, со богатство од 28,7 милијарди долари. Тој поднесе оставка од функцијата претседател на Лукоил во 2022 година, откако Велика Британија воведе санкции против него, пренесува Ројтерс.

Алексеј Мордашов го зазеде второто место на листата, со богатство од 28,6 милијарди долари, напредувајќи од четвртото место минатата година.

Форбс наведе дека на листата има 15 сосема нови милијардери, а најбогат меѓу нив е Викрам Пунија, по потекло од Индија, сопственик на фармацевтската компанија Фармасинтез. Според Форбс, неговото богатство е 2,1 милијарда долари, пишуваа Н1.

Најнови вести

Најново од Свет

Најчитани вести