Над 5.000 верници се собралаа денеска пред базиликата Свети Петар во Ватикан и на плоштадот за да го следат изборот на новиот папа од страна на Конклавата во која 133 кардинали кои не се постари од 80 ќе бираат нов поглавар на Римокатоличката црква по смртта на папата Франциск, на Велигден, 21 април.
-Тука сме да побараме помош од Светиот Дух, молејќи ја Неговата светлина и сила, за да може да се избере папата што им е потребен на Црквата и човештвото во толку тешка и сложена фаза од Историјата“, нагласи најстариот од кардиналите, Џовани Батиста Ре, кој претседаваше со понтификалната служба pro eligendo во базиликата „Свети Петар“.
„Се молиме за папа кој може да ја разбуди совеста и енергијата на општеството, кое се карактеризира со голем технолошки напредок, но има тенденција да го заборави Бога“, додаде кардиналот Ре.
Според програмата денеска во 15 часот, сигналот на мобилните телефони ќе биде деактивиран низ целиот Ватикан. Уредите ќе им бидат отстранети на кардиналите кои ќе останат во изолација во текот на целиот изборен процес.
Во 16:15 часот кардиналите ќе започнат поворка кон Сикстинската капела, каде што ќе ја започнат својата работа околу петнаесет минути подоцна, во 16:30 часот.
Денес се очекува само еден круг гласање, по што со црн или бел чад кој ќе излезе од оџакот околу 19 часот ќе биде соопштен резултатот од првото гласање.
Доколку денес не се избере нов Папа, што се проценува дека ќе биде тешко, кардиналите ќе се вратат утре наутро и ќе се одржуваат четири круга гласање секој ден (два наутро и два попладне) се додека не се избере нов понтиф.
извор: slobodenpecat.mk


