Нов данок за туристи во Грција: Еве колку ќе ве чини престојот од ова лето

Доколку планирате летен одмор во Грција, имајте на ум дека од оваа година стапија на сила нови даночни правила кои ќе влијаат на трошоците за сместување и посета на популарни дестинации. Земјата воведе повисоки такси за престој и нови надоместоци за туристите што пристигнуваат со крстосувачки бродови, со цел да се подобри одржливоста и да се заштити животната средина

Износот на новиот данок зависи од типот на сместување и периодот од годината. Во главната сезона (април – октомври), важат следните износи по ноќевање:

  • Хотели со 1-2 ѕвезди: 2 евра
  • Хотели со 3 ѕвезди: 5 евра
  • Хотели со 4 ѕвезди: 10 евра
  • Хотели со 5 ѕвезди: 15 евра
  • Апартмани и Airbnb сместување: 8 евра
  • Куќи и вили над 80 м²: 10 евра

Во текот на зимската сезона (ноември – март), данокот е значително понизок – почнува од 0,50 евра до максимум 4 евра за луксузни сместувања. Надоместокот се пресметува по соба, не по лице, што го олеснува буџетирањето за семејства и поголеми групи.

Данок за патници на крстосувачки бродови:

  • Санторини и Миконос: 20 евра по лице, дневно
  • Останати острови и Атина: 5 евра по лице, дневно

Собраните средства ќе бидат насочени кон проекти за инфраструктура, животна средина и управување со масовниот туризам. Пренатрупаноста на дестинациите како Миконос, каде што само за еден ден во август 2024 имало над 20.000 патници од осум бродови, е јасен показател за итна потреба од нов систем.

Во план е и воведување на дигитален систем за резервации на места за крстосувачки бродови, кој треба да овозможи подобро управување со бројот на посетители – предлог што сè уште чека одобрување во грчкиот парламент.

извор: 24info.mk

Најчитани вести