Кој ќе биде новиот „007“?

 Обожавателите на серијалот филмови за Џејмс Бонд наскоро ќе го дознаат наследникот на Даниел Крејг во улогата на култниот шпион. Продуцентите и режисерот Денис Вилнев почнаа да ги известуваат глумците кои се пласирале во следната рунда аудиции, којашто ќе се одржи подоцна ова лето. Иако имињата сè уште не се потврдени, аудициите се закажани за август, потврди „Дедлајн (Deadline)“.

Изворите говорат дека Вилнев лично ги контактира кандидатите кои се избрани во потесниот круг. Потрагата по новиот „007“ трае веќе некое време, а студиото пристапува кон проектот полека и методично. Откако ја презеде целосната креативна контрола врз брендот „Бонд“ во 2025 година, продукциската куќа „Амазон МГМ (Amazon MGM)“ внимателно го избира тимот што ќе го води следниот филм. Ејми Паскал и Дејвид Хејман првично беа ангажирани како продуценти, а по состаноците со бројни режисери, режисерската палка му беше предадена на Вилнев. Минатото лето, сценаристот Стивен Најт, познат по серијата „Пики блајндерс“, му се придружи на тимот, додека директорката за кастинг Нина Голд во април оваа година потпиша договор.

Главната пречка до неодамна беше недовршеното сценарио, бидејќи актерите не можат да бидат тестирани за приказна што сè уште не постои. Според првичните податоци, Најт во голема мера се потпира на најраните романи на Ијан Флеминг, што би можело да го врати Бонд на неговите почетоци во британската Кралска морнарица…

Иако имињата на глумците се чуваат строго доверливо, според познавачите, на пр. Харис Дикинсон, Калум Тарнер и Џејкоб Елорди се вклопуваат во условите за кандидатот што продуцентите ги разгледуваат за следната фаза. Но, сè уште нема официјално потврдени имиња.

И, во таа насока, се чини, според „Комик бук њуз (Comic Book News)“ – „Амазон“ сака глумецот да има под 30 години. Така, се наведува, тој би можел да глуми во пет „007“ филмови, слично на 15-годишниот серијал на Даниел Крејг. Токму затоа, повозрасните кандидати, како што се Идрис Елба и Хенри Кавил, се чини, отпаѓаат.

Планот, засега е новиот актер да биде избран до крајот на 2026 година, за да можат продукцијата и снимањето да почнат во 2027 година. Сепак, со оглед на тоа што самиот избор на сценарист траеше речиси една година, сите рокови треба да се земат со резерва. 

МИА

Најчитани вести