Би-Би-Си бара телефонски записи од Трамп од 6 јануари 2021 година во тужбата вредна 10 милијарди долари

Британскиот јавен радиодифузен сервис Би-Би-Си побара од американскиот претседател Доналд Трамп да достави телефонски записи, приватни распореди и други документи од периодот околу нападот врз американскиот Конгрес на 6 јануари 2021 година, во рамките на постапката по тужбата за клевета што Трамп ја поднесе против медиумската куќа.

Според британски „Телеграф“, адвокатите на Би-Би-Си побараа евиденција за телефонски повици, календари, распореди и дневници за периодот од 3 ноември 2020 до 20 јануари 2021 година.

Трамп бара отштета од 10 милијарди долари поради известување поврзано со напис на „Телеграф“, во кој беше наведено дека Би-Би-Си во емисијата „Панорама“ споил различни делови од неговиот говор од 6 јануари 2021 година, создавајќи впечаток дека ги повикал своите приврзаници „да се борат до крај“ и да упаднат во Капитол.

Трамп, пак, тврди дека во говорот ги повика своите поддржувачи мирно да протестираат.

Неговите адвокати ја обвинија британската медиумска куќа дека се обидува да му „суди“ на претседателот за нередите во кои илјадници луѓе се судрија со полицијата.

„Тужените се обидуваат оваа постапка да ја искористат како средство за судење за настаните од 6 јануари“, наведе во судските документи Алехандро Брито, член на правниот тим на Трамп пред федералниот суд во Јужна Флорида.

Тој додаде дека обидите на Би-Би-Си да се брани „не му даваат автоматско право на неограничено прибирање докази“.

Би-Би-Си побара и правниот тим на Трамп да ги идентификува сите лица со кои американскиот претседател комуницирал во врска со собирот „Stop the Steal“ („Запрете ја кражбата“) одржан на 6 јануари 2021 година, вклучувајќи ги неговото планирање, говорот на Трамп и подоцнежните разговори за настанот.

Според „Телеграф“, се очекува адвокатите на Трамп да го одбијат ова барање, како што претходно одбија и да достават финансиски документи што Би-Би-Си ги бараше за да ја процени евентуалната финансиска штета.

Трамп претходно изјави дека има „обврска“ да ја продолжи тужбата.

Поранешниот генерален директор на Би-Би-Си, Тим Дејви, и директорката на информативната програма, Дебора Тарнес, поднесоа оставки по објавувањето на написот на „Телеграф“ во кој се обвинува Би-Би-Си за спорниот прилог.

Дејви подоцна изјави дека „непријателите“ на Би-Би-Си ја поттикнуваат кризата што ја зафати медиумската куќа, нагласувајќи дека Би-Би-Си е „една од најдобрите институции во општеството“.

Судењето е закажано за февруари 2027 година пред суд во американската држава Флорида. 

МИА

Најнови вести

Најново од Свет

Најчитани вести