Истрага на Европол откри дека во Европа дејствуваат 731 организирана криминална мрежа со повеќе од 400.000 членови од 118 различни националности, соопшти денеска европската полициска агенција.
Според студијата на Европол, криминалните групи најчесто дејствуваат прекугранично и на високо професионално ниво, при што 85 проценти од нив користат легални деловни структури за извршување на криминалните активности.
Тие се активни во речиси сите облици на криминал, вклучувајќи трговија со дрога, кибер-криминал, криумчарење мигранти, трговија со луѓе, измами и перење пари, користејќи ги предностите на дигиталните технологии, глобалната трговија и на геополитичката нестабилност.
Пред две години Европол ја објави првата сеопфатна анализа на криминалните мрежи во Европа. Новата студија покажува дека 76 проценти од идентификуваните мрежи се нови, но истовремено е утврдено дека постои јадро од 198 криминални групи. Во претходниот извештај беа регистрирани 821 мрежа.
Според експертите, оваа промена не мора да значи дека истражителите се поуспешни, туку покажува колку криминалните мрежи се флексибилни и колку брзо се реорганизираат под полициски притисок.
Во извештајот се наведува дека апсењето на клучните лица може привремено да ја дестабилизира мрежата, но брзо се појавуваат нови актери кои го пополнуваат лидерскиот вакуум.
Поради тоа, не е доволно да се таргетираат само водачите, туку истрагите треба да бидат насочени кон целосно разбивање на криминалните системи и на нивната логистичка, финансиска и дигитална инфраструктура.
МИА


