Во Србија во првите пет месеци запленети седум тони наркотици

Во Србија во првите пет месеци од 2026 година се запленети седум тони наркотици најмногу марихуана и кокаин. Тоа денска во Белград го изјави Милан Пекиќ, директор на владината Канцеларија за борба против дрога, по повод Меѓународниот ден за борба против злоупотреба на дрога и шверц со дрога.

„Следуваат различни видови синтетички дроги, нови психоактивни супстанции. Хероинот е во опаѓање“, рече Пекиќ.

Тој додаде дека марихуаната е најзлоупотребуваната дрога во светот и во Србија, додека кокаинот, кој најмногу се шверцува од јужноамериканските земји во готова форма, е на второ место.

„Дрогата е навистина голем проблем на светско ниво и во последните неколку години има зголемување на производството на сите видови наркотици, како и зголемување на бројот на корисници. Наркотиците имаат катастрофални последици за здравјето на оние што ги користат“, рече Пекиќ пред конференцијата организирана од Канцеларијата за борба против дрогата на Владата на Србија.

Тој додаде дека, според анализите на Институтот за јавно здравје на Србија „Д-р Милан Јовановиќ Батут“, осум проценти од населението во Србија пробало некаква дрога, објаснувајќи дека тоа е под просечното ниво на земјите од Европската Унија.

Според податоци од извештај на ОН во 2024 година, 331 милион луѓе на возраст од 15 до 64 години користеле некаков вид наркотици.

„Тоа е зголемување од 34 проценти во последните 10 години. Овие податоци покажуваат колку дрогата станува глобален проблем. Отсекогаш била, но во последниве години таа не е само здравствен проблем, туку и проблем што е придружен со организиран криминал кој се занимава со шверц за стекнување имот, а зголемувањето на бруталноста и суровоста на организираниот криминал е поврзано и со трговијата со наркотици“, рече Пекиќ.

„На ниво на Европа, во 2024 година, имало 7.600 смртни случаи поврзани со некаков вид дрога. Кога станува збор за Србија, имавме 87 починати лица, чија смрт била поврзана со некаква психоактивна супстанца. Поголемиот дел од починатите се мажи, а од 87 лица, 28 од нив се над 65 години, додека 21 лице се под 44 години“, рече Пекиќ. 

МИА

Најнови вести

Најново од Балкан

Најчитани вести