Филипче: Образование, здравство и енергетиката – темелите на новата развојна политика на СДСМ

Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, во интервју за емисијата „Вин-Вин“ на телевизија Телма, посочи дека новата програмска рамка на СДСМ е поставена инклузивно и дека во неа се издвоени неколку клучни сфери кои се од интерес на граѓаните и на кои следната влада ќе треба да им посвети најголемо внимание.

„Процесот на подготовка на програмската рамка беше работен многу инклузивно. Идентификувавме неколку главни теми, околу кои што сметам дека треба да се работи понатаму, да се слушаат експерти, партиски, непартиски,граѓански организации, активисти, интелектуалци. Тоа се сферите во кои што следната влада, бидејќи ова очигледно не работи, ќе треба да посвети најмногу внимание -образованието, здравството и енергетиката“, рече Филипче.

Во делот за образованието, Филипче посочи дека е потребен сериозен пресврт и враќање на фокусот на квалитетот, наместо на профитот.

„Во образованието, да се стави крај на профитот како главна цел на приватните универзитети, на сметка на квалитетот на образованието. Кога се дозволи во државата да се отворат огромен број на факултети, да не се води сметка за квалитетот и толку да се намали инвестирањето во научно-истражувачката работа до таа мера дека ниту еден универзитет наш не е на ниту една од соодветните листи, ова бара сериозен ресет“, рече Филипче.

Осврнувајќи се на здравството, Филипче говореше за потребата од поинакво уредување на системот, во кое во фокусот ќе биде интересот на граѓаните и квалитетот на услугата.

„Здравството, во кое фондот треба да стане купувач на услуги и во кое јавното  во здравството не треба да е сопственоста, туку интересот. А сопственоста може да биде државна или приватна – многу ќе заштедиме, ќе се скратат листите на чекање и квалитетот на здравствената услуга многу ќе порасне“, рече Филипче.

Во однос на енергетиката, Филипче посочи дека државата има ресурси, но дека тие треба да се користат правилно и без злоупотреби.

„Имајќи ги предвид нашите национални ресурси, треба правилно да се искористат, ама не со злоупотреба, туку со вистинска и правилна распределба. Енергетиката впрочем, е една сфера во која очекувавме многу од премиерот бидејќи нели, енергетичар,за жал, најголемиот дебакл се случи тука“, рече Филипче.

Претседателот на СДСМ, посочи дека овие обласи се основата врз која треба да се гради новата развојна политика на СДСМ, со цел системски промени и подобар квалитет на живот за граѓаните.

СДСМ Центар за комуникации со јавноста

Најчитани вести