Казахстан го намали производството на нафта и гас на наоѓалиштето Карачаганак откако Украина неделава нападна руска постројка за преработка на гас во Оренбуршката област – соопшти денеска министерот за енергетика Јерлан Акенженов.
Говорејќи пред новинарите на маргините на заедничката седница на казахстанскиот Парламент, Акенженов рече дека Владата била „принудена“ од денеска да го намали дневното производство на сурова нафта од 34.000 на 25.000 тони.
– Намалувањето изнесува 9.000 тони. Природно, сега е намален и приемот на гас – изјави Акенженов.
Тој нагласи дека снабдувањето со гас на домашниот пазар останува стабилно и дека нема прекини за потрошувачите.
Изјавата следува два дена откако Украина соопшти дека погодила постројка за преработка на гас во руската Оренбуршка област, која прима гас од наоѓалиштето Карачаганак преку граничниот систем.
Генералштабот на украинската армија во средата соопшти дека нападот врз постројката, која се наоѓа повеќе од 1.200 километри од линијата на фронтот, предизвикал пожар.
Истиот ден, гувернерот на Оренбуршката област, Евгениј Солнцев, изјави дека регионот бил цел на „масовен“ украински напад со беспилотни летала и дека неколку дронови биле соборени над индустриски објект во административниот центар на регионот, без да прецизира за која постројка станува збор.
Портпаролката на казахстанското Министерство за енергетика, Асел Серикпаева, вчера соопшти дека инцидентот не влијаел врз стабилноста на снабдувањето со гас за домашните потрошувачи.
Постројката во Оренбург беше погодена и во украински напад со дронови во октомври минатата година.
МИА


