Основното јавно обвинителство Битола вчера одново побара од Основниот суд во Битола да донесе одлука за определување привремена мерка – замрзнување на паричните средства во износ од околу 3 милиони евра од банкарска сметка на правното лице Друштво за производство, трговија и услуги РУД-КОП увоз-извоз ДООЕЛ Битола, бидејќи постои основано сомнение дека парите се стекнати како незаконска корист од кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластувања од член 353 од Кривичниот законик.
Како што соопшти денеска Обвинителството, постапувајќи по жалба на правното лице, Кривичниот совет на Основниот суд во Битола донел решение со кое ја преиначил одлуката на судијата на претходна постапка и дозволил одмрзнување на паричните средства, а во замена е определена мерка – забрана за располагање и оттуѓување на недвижен имот и моторни возила во сопственост на правното лице.
-За одлуката на Кривичниот совет на битолскиот суд, ОЈО Битола ниту беше известено, ниту имаше право на жалба. Одлуката за одмрзнување на паричните средства била донесена дури 2 месеци по изјавената жалба на правното лице и на истиот ден кога Основното јавно обвинителство Битола во Судот поднесе обвинение против 10 лица за злоупотреби при јавни набавки за избор на фирма за ископ на јаловина во РЕК Битола преку кои постои сомнение дека била стекната значителната имотна корист. Со обвинението се предлага одземање на таа корист доколку биде донесена осудителна пресуда, се наведува во соопштението од Обвинителството.
Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Битола, како што е наведено во соопштението, смета дека со донесеното решение на Кривичниот совет за одмрзнување на паричните средства се оневозможува односно се прави целосно неизвесна идната евентуална конфискација на овие парични средства како директна имотна корист од кривичното дело.
-Уште повеќе што со преиначување на првично определените мерки Судот дозволил во замена за паричните средства да биде замрзнат имот – една парцела во индустриска зона и 37 возила за кои воопшто не постои доказ дека се стекнати по извршување на кривичното дело или дека имотната корист била употребена за нивна набавка. Станува збор за возила од кои повеќето се произведени во 2007 и 2008 година, а дел и во 90-тите години од минатиот век што никако не упатува дека биле предмет на кривично дело кое согласно обвинението било извршено во 2022 и 2023 година, велат од Обвинителството.
Од тие причини, како што е посочено во соопштението, ОЈО Битола итно реагирало по дознавањето за оваа одлука, ги известило Управата за финансиска полиција и Управата за финансиско разузнавање и веднаш доставило нов предлог до Судот за обезбедување на имотната корист додека трае постапката. Судечкиот судија во предметот го прифатил предлогот и донел решение одново да ги замрзне паричните средства на сметката на РУД-КОП.
МИА


