Кремљ соопшти дека претседателот Владимир Путин може да се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски, но само доколку се постигнат одредени договори.
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков не прецизираше кои договори Русија ги бара како предуслов. Путин и Зеленски не се сретнале од декември 2019. „Ваква средба, како резултат на работата на делегациите на двете страни за постигнување одредени резултати во форма на договор, е можна. Веруваме дека е можно“, рече Песков.
„Истовремено, при потпишувањето на документите за кои би се договориле делегациите, за нас останува главното и основно прашање: Кој точно ќе ги потпише тие документи од украинската страна“, додаде Песков.
Путин го доведува во прашање легитимитетот на Зеленски
Зеленски требаше да се сретне со шефот на Кремљ оваа недела во Турција, но Путин вчера испрати тим од советници и официјални претставници да се сретнат со украинските преговарачи во Истанбул, на првите директни разговори од март 2022 година.
Путин претходно го доведе во прашање легитимноста на Зеленски како претседател, имајќи предвид дека неговиот претседателски мандат истече минатата година. Откако во Украина е на сила воената состојба, датумот на нови избори не е одреден.


