Самохрана мајка на два сина била приморана да даде отказ за да може да се грижи за поголемиот син, кој е еден од повредените во пожарот во кочанската дискотека. Силвана Петрова, мајка на повредениот Трајче Петров, за „Support Kocani“ ја објаснува претешката состојба во која се наоѓа од кобниот 16ти март.
Таа посочува дека има и возрасна мајка со два мозочни удари, мало дете од 10 години, а сега треба целосно да се посвети и на повредениот син.
Петрова посочува дека кога го пуштиле од болницата во Грција, од таму рекле дека ништо не е готово, туку дека од тој момент почнува процесот на заздравување.
Освен Силвана, ваков тежок период ги очекува уште речиси стотина семејства од Кочани, на кои што децата им се повредени во катастрофалната трагедија. Затоа, родителите и блиските од семејствата на починатите во трагичниот пожар во „Пулс“ и оваа сабота, на 24ти мај, ќе го организираат седмиот „Марш за ангелите“, кој што ќе започне во 16 часот и 5 минути од Паркот на Револуцијата. Семејствата ги повикуваат сите граѓани кои им даваат поддршка во барањето неселективна правда да им се придружат.
Од друга страна пак, премиерот Мицкоски и денес тврди дека имале организиран пристап и ќе продолжеле да помагаат на семејствата на настраданите во кочанската дискотека. Мицкоски истакна дека со најголем дел од родителите на загинатите веќе се има видено и како што рече ќе продолжи да се гледа и ќе им се помогне на семејствата на повредените.
Тој уште еднаш го повика обвинителството да ги преиспита сите случаи во минатото кои како што рече беа заташкани, а меѓу нив се и случаите во модуларната болница во Тетово, потоа Ласкарци, Беса транс, вклучувајќи го и последниот пожар во Кочани.
извор: 24.mk


