Макрон проговори за контроверзното видео: Добил шлаканица од Брижит

Францускиот претседател Емануел Макрон ги отфрли шпекулациите за контроверзното видео на кое се гледа како француската прва дама Брижит Макрон му го турка лицето додека биле во претседателскиот авион по пристигнувањето во Виетнам.

„Се шегувавме, ништо повеќе, ништо помалку. И ова се претвори во некаква геополитичка катастрофа“, рече Макрон, негирајќи ги тврдењата за брачни несогласувања.

На видеото, снимено од бројни меѓународни новински агенции, се гледа моментот кога се отворила вратата на претседателскиот авион во неделата вечерта, и се гледа како раката на првата дама му го турка лицето на претседателот.

Додека се симнуваа по скалите за да ги поздрават виетнамските официјални лица, Макрон ја подаде раката на својата сопруга, која изгледаше како да го игнорира гестот.

Макрон ја критикуваше бурата на Интернет што се појави поради ова видео.

„Гледам многу луди луѓе кои поминуваат многу време анализирајќи ги овие видеа“, рече тој, укажувајќи на, како што рече, претерани или лажни наративи на социјалните мрежи.

Тој наведе два понови примери на погрешно толкување на неговите снимки

„Во последните три недели луѓето ја гледаа снимката и мислеа дека делам кесичка кокаин, дека сум во физичка пресметка со турскиот претседател и сега кога се расправам со сопругата. Ништо од тоа не е вистина“, рече Макрон.

Тој, исто така, посочи дека надворешните актери ги подгреваат гласините.

„За ширење на вакви работи, Русите се добри сојузници, а екстремистите во Франција се исклучителни посредници“, изјави тој.

Макрон пристигна во Ханој во неделата вечерта за да ја започне седумдневната турнеја низ Југоисточна Азија, чија цел е продлабочување на економските и дипломатските врски, вклучително и состаноци во Индонезија и Сингапур, објави Н1.

Најчитани вести