Илијевски од АСОМ: Одлуката за блокирање на 53 онлајн платформи за игри на среќа е позитивна, но треба континуирано да се применува законот

Со блокирањето на 53 нелегални интернет-платформи за игри на среќа, државата го направи првиот системски потег за заштита на легалната индустрија, буџетот и граѓаните. Од Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) овој потег го поздравуваат како суштински исчекор во правилна насока.

„Одлуката на Министерството за дигитална трансформација за блокирање на 53 нелегални платформи ја поздравуваме како конкретна имплементација на одредбите од Законот. Тоа е прв пат да видиме системски чекор во оваа насока, што е важно – не само симболично, туку и суштински“, вели Васко Илијевски, претседател на АСОМ во интервју за „Фокус“.

Но, според Илијевски, ова не смее да биде изолиран потег. Постојат илјадници вакви платформи за онлајн игри на среќа.

„Важно е процесот да не запре тука. Очекуваме оваа акција да добие континуитет, да се гради систем за редовна идентификација и блокирање на нелегални страници, со јасни критериуми и јавни листи“, смета Илијевски, и додава дека Асоцијацијата апелира за построга контрола врз спроведувањето на овие законски одредби и од страна на телекомуникациските оператори.

„Според нашите информации не сите оператори ги имаат блокирано веб-страните за кои е издаден налогот од Министерството за дигитална трансформација“, појаснува Илијевски.

Тој вели дека членките на АСОМ располагаат со стручни анализи и преку размена на информации со институциите може за да се овозможи доследна примена на законските измени и стабилно регулиран дигитален пазар на игри на среќа.

Како пример за добра практика, АСОМ го посочува моделот на Грција, каде што над 10 илјади нелегални платформи се блокирани преку централизиран систем, кој редовно се ажурира.

„Како АСОМ, отсекогаш сме се залагале за вистинска регулација на пазарот на онлајн игри на среќа, по неодамнешните одлуки – и автентичното толкување на Собранието и одлуката на Владата, уште повеќе. Компаниите во индустријата и оние кои ги претставува АСОМ се високо професионални и доследни кога станува збор за делување исклучиво во рамки на законите и затоа и инсистираме на ова“, вели Илијевски и додава дека сè уште немаат одговор за функционирањето на онлајн платформата MegaWin.mk.

Дополнително, од АСОМ укажуваат дека борбата против нелегалните онлајн игри на среќа не се води само преку блокирање на пристапот до интернет апликациите, туку и преку контрола и ограничување на финансиските трансакции кон нелегалните оператори. Овие практики успешно се применуваат во многу европски земји, вели Илијевски.

„Банкарскиот сектор треба да има улога во спречување на уплати кон платформи што не се лиценцирани, односно кон субјекти што не се во системот на контрола“, вели Илијевски.

Индустријата на игри на среќа е една од најрегулираните. Очекуваме да се третира така и од институциите. Само преку еднаква примена на законот може да се обезбеди фер пазар и заштита на играчите, заклучува Илијевски од АСОМ.

Најнови вести

Најново од Македонија

Најчитани вести