17 вработени од Инспекторатот за употреба на јазиците 5 месеци работат без плати и придонеси. Попладнево се собраа пред нивната институција – јавно да проговорат за проблемот. Побараа излез од кризата.
Го повикаа премиерот и министрите за правда и финансии да најдат трајно решение. Проблемите со доцнење на платите започнаа со измените на Законот за употреба на јазиците – кој предвидува укинување на постоечкиот правен статус на инспекторатот. Со измените се бара директорот на Инспекторатот да поседува уверение за познавање на странски јазик. Вработените, опремата, документацијата, како и другите средства од Инспекторатот да се преземат од Министерството за правда.
Измените на Законот за Инспекторат за употреба на јазиците веќе го помина комисискиот филтер. Од Министерството за правда за ТВ 24, велат дека законот е во собраниска процедура и истиот се очекува да биде изгласан.
Се огласи и вицепремиерот Изет Меџити. Решението е како што рече во изгласувањето на измените во парламентот – процедура која како што посочи е блокирана од дел од пратениците.
Вработените во инспекторатот се уште чекаат одговор за средба од премиерот и првите луѓе на правда и финансии за што поскоро решение. Ако продолжат првите луѓе на владата со игнорантски однос – нашите права ќе ги бараме од улица, најавија инспекторите.
извор: 24.mk


