Претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, вечерва откри дека Азир Алиу до пред три недели вршел притисок во партијата за што побрзо да започне соработка со ДУИ.
Во интервју за ТВ Сител, Таравари повтори дека Алиу, без негово знаење, комуницирал со партијата на Ахмети уште од јануари оваа година.
„Азир Алиу комуницирал со ДУИ уште од јануари. Јас не знаев дека седнал и разговарал. Му реков дека барем требало да ме информира. Во меѓувреме, до пред три недели вршеше притисок – не директно кон мене, туку внатре во партијата – да се започне соработка со ДУИ“, изјави Таравари.
Тој изјави дека сега е изненаден од постапките на Азир Алиу, кој – според него – се претставува како противник на ДУИ.
Ако Алиу ја добие функцијата министер за здравство, Таравари му посака успех, но го предупреди дека тоа е многу специфичен и сложен ресор.
Таравари, изјави дека на локалните избори неговата партија очекува да освои најмалку 5 општини.
„Очекувам да освоиме најмалку пет општини, можеби и повеќе. Тоа би бил одличен резултат за нас како партија. Под пет општини – резултатот не би бил добар“, изјави Таравари.
Тој додаде дека во одредени општини, во вториот круг, може да соработуваат – во зависност од резултатите – и со ВЛЕН и со ДУИ.


