ТРАГЕДИЈА ВО ХАМБУРГ: Пожар во болница однел три животи, а десетици се повредени

ТРИ лица ги загубиле животите, а повеќе од 50 се повредени во пожар што ноќва избувнал во болница во Хамбург, јавија утринава германските медиуми.

Противпожарната служба навела дека три лица кои починале се болнички пациенти, дека 36 лица се полесно повредени, 16 потешко и дека две лица се во критична состојба, пренесува Билд.

Пожарот избувнал во приземјето на клиниката во геријатриското одделение на болницата Мариенкранкенхаус.

Според противпожарната служба, собата за пациенти била целосно зафатена од пламен, по што пламенот се проширил на првиот кат.

На сите четири ката од болницата бил забележан густ чад, а некои делови од зградата морале да се евакуираат.

Како што пренесува Билд, на терен била противпожарната бригада со голем контингент од околу 160 припадници на итната помош.

– Луѓето се спасуваа со помош на скали, а на прозорците имаше неколку пациенти кои повикуваа на помош – изјави портпаролот на противпожарната служба.

На пожарникарите им биле потребни околу 20 минути за да го изгаснат пожарот, јавија германските медиуми, додавајќи дека спасувачките операции се завршени.

Според извештаите, некои од повредените пациенти биле згрижени во болницата за итни случаи или биле пренесени во блиските болници.

Засега не е позната причината за пожарот, ниту пак висината на материјалната штета.

Билд потсетува дека Мариенкранкенхаус во Хамбург е една од најголемите болници во северна Германија, дека има околу 600 кревети и секоја година лекува околу 93.000 пациенти.

Најчитани вести