Жално е што бев осуден во медиумите пред воопшто да ми се даде можност да се бранам. Сите знаат дека не сум криминалец,“ порача денеска градоначалникот на Росоман, Стојан Николов, реагирајќи на поднесената кривична пријава од страна на Финансова полиција.
Николов детално ги отфрли сите обвинувања, нарекувајќи ги „неосновани“ и „притисок кој трае со месеци“. Тој посочи дека дури и за рутински документи, пред две недели во општината биле испратени шест до седум припадници на МВР. „Небаре овде се крие некоја криминална група,“ коментираше тој.
Повод за дел од пријавата е и ангажирањето на стручни лица од Кавадарци за уредување на градежно земјиште. „Општина Росоман тогаш имаше само едно овластено лице, а законски мора да има најмалку две. Затоа, по договор за меѓуопштинска соработка, ангажиравме лица од Кавадарци – се беше законски и во интерес на граѓаните“, објасни Николов.
Во завршницата од пресот, Николов порача: „Ги повикувам Финансова полиција да влезат и во други слични општини. Општина Росоман ја водам транспарентно, чесно и одговорно. Ќе продолжам така и понатаму – мојот интерес се граѓаните и само нивните потреби.“


