Истражување: Државава и Албанија со полоши услови во студентски домови од Словенија и Германија

Во државава и во Албанија има полоши услови во студентски домови од оние во Словенија и Германија, покажува истражување спроведено како дел од проектот во рамки на Младински дијалог за Европа, финансиран од Европската Унија, чии резултати беа презентирани денеска во Скопје. 

Истражувањето е спроведено од неформална група од петмина студенти од државава, Албанија и од Србија, а биле анкетирани над 150 студенти од по два студентски домови од земјите опфатени со истражувањето. 

– Прашалникот беше унифициран со прашањата дали имате греење и какво е? Има ли разладување, каде и какво е? Има ли постојано топла вода? Има ли интернет, колку е функционален? Каква е исхраната и дали е вклучена во цената на сместување? Какви се условите во собите и хигиената? Дали има лифтови у дали студентите со посебни потреби имаат пристап до собите и предавалните? Превозот и стипендиите? И што би сакале да биде променето?, појасни студентката на Медицинскиот факултет, Дијана Кока Џемаили, координатор на неформалната група од пет студенти.

Резултатите покажале дека најблиски со лошите услови се државава и Албанија, додека состојбата во Србија била малку подобра.

Студентите во Германија биле најзадоволни во истражувањето. 

Од испитаниците кои студираат во нашата држава, било заклучено дека храната не е разновидна, некогаш и не била доволна. Стипендиите биле достапни под различни услови, но, тие доцнеле.

– Истражувањето детектираше дека во трите балкански земји се одвојува по 3, и нешто над три проценти од буџетот за образованието, додека во Словенија тој е 5, 1% а во Германија 6 проценти. Па се констатира дека зголемувањето на процентот од буџетот за образованието и исправните политики ќе ги подобрат условите во стуентските домови и студентскиот стандард, додаде Кока Џемаили.

Било утврдено дека е потребно воведување на студентска работа со што студентите ќе можат да придонесат за својот стандард.

– Препораките се до властите во насока на измени на законските решенија и зголемување на уделот во инвестирање во подобрување на студентскиот стандард. Од истражувањето проследивме препораки до властите во овие три земји, заклучи Кока Џемаили.

Присутните на настанот споделија искуства и разменија ставови околу тоа како може да се подобрат условите за студентите во државава, со што како земја, би котирале меѓу земјите со подобар студентски стандард.

МИА

Најнови вести

Најново од Македонија

Најчитани вести