Синоќа спиевме еден час подолго, бидејќи започна зимското сметање на времето. Утрово во три часот, стрелките на часовниците беа поместени еден час назад – на два часот.
Зимското сметање на времето се менува на секој последен викенд во октомври, во ноќта помеѓу сабота и недела.
Зимското сметање на времето ќе трае до последниот викенд во март 2026 година.
Иако во Брисел во 2018 година беше предложено да се укинат сезонските промени на времето, седум години подоцна – сите сè уште ги поместуваат часовниците во март и октомври.
Шпанија одлучи повторно да покрене иницијатива со која би се укинале летното и зимското сметање на времето во Европската Унија.
Како што истакна шпанскиот премиер Педро Санчез, тоа е „застарена практика“ која „веќе не носи заштеда на енергија“ и „предизвикува непријатност и негативни здравствени ефекти“.
Експертите забележуваат дека прилагодувањето на оваа мала промена трае најмалку две недели. Тие исто така истакнуваат дека поместувањето на часовникот двапати годишно влијае на сите – и здрави и болни, особено на хронично болните.


