Вашиот иден автомобил би можел да открие дали сте пиеле алкохол

Новата технологија може да детектира пијани возачи со помош на камера.
Камерите за следење на возачите обично се поврзуваат со полуавтономни возила, но „Мицубиши Електрик“ ги гледа и како алатка за откривање на возачи под дејство на алкохол. Детекцијата би се постигнала со помош на вештачка интелигенција и податоци од возилото.

Иако компанијата не даде многу детали за самата технологија, снимките од системот за следење на возачите би се користеле за проверка на срцевиот ритам и изразите на лицето. Движењата на очите, како што се вели, можат да помогнат во откривањето на поспаност или лица под дејство на алкохол.

Овој двоен пристап треба да ја зголеми ефикасноста на системот, бидејќи како што објаснува „Мицубиши“, „дури и ако промените на лицето предизвикани од алкохол се суптилни, промените во срцевиот ритам што се јавуваат поради консумирање алкохол може да се користат за откривање на интоксикација со голема точност“.
Што точно следи системот?
Системот, исто така, ќе следи како возачот реагира на команди како што се забрзување, сопирање и управување. Се претпоставува дека бара ненадејни и нагли движења, што би можеле да бидат знак на невнимание или возење под дејство на алкохол.

Сите овие информации потоа се внесуваат во систем за „детекција на интоксикација“, кој користи вештачка интелигенција Maisart за идентификување на возачи под дејство на алкохол.

Што се случува потоа останува клучно прашање, но Mitsubishi Electric вели дека системот ќе обезбеди „предупредувања за возачите и интервенции за контрола на возилото, по потреба, за да се спречат сообраќајни несреќи поврзани со алкохол“.
Ова објаснување е прилично нејасно и покренува прашања за тоа дали возилото од иднината би можело само да застане и евентуално да ги извести властите за својот сопственик.

Иако такво сценарио не е тешко да се замисли, компанијата наведува дека системот е „тестиран за усогласеност со европските и американските регулаторни и евалуациски рамки, со цел да се намали бројот на сообраќајни несреќи предизвикани од возење под дејство на алкохол“.

Иако многу прашања остануваат отворени, Mitsubishi Electric сугерира дека оваа технологија би можела да се инсталира во возилата уште следната година.