Како од Ентони Фаучи, американските мејнстрим медиуми правеа национален херој

За време на пандемијата на Ковид-19, д-р Ентони Фаучи, главен медицински советник на претседателот на САД за време на пандемијата со САРС Ков 2 вирусот, стана главно јавно лице, редовно појавувајќи се на прес-конференции, списанија, па дури и вечерни забавни емисии, што го направи препознатлив ширум светот, како главен борец против вирусот од кого медиумите создадоа национален херој и спасител, не само на САД, туку и на светот од КОВИД. 

Сепак, директорката на Националното разузнавање на САД, Тулси Габард, неодамна објави декласифицирани документи кои содржат нови информации за врските помеѓу истражувањата финансирани од САД, Институтот за вирусологија во Вухан и улогата на Фаучи во финансирањето и прикривањето на потеклото на вирусот.

„По години на лаги, цензура и прикривања, американскиот народ заслужува транспарентност, вистина и одговорност,“ изјави Габард.

Американските медиуми поради објавите на Габард, деновиве потсетуваат како на почетокот на пандемијата, Фаучи беше национален херој:

„Доктор Ентони Фаучи спаси милиони животи“, тврдеше „Ем-ес-ен-би-си“.

„Си-ен-ен“ го претставуваше како човек кој „и служи на земјата како дел од јавната служба повеќе од половина век“, претставувајќи го како човек кој својот живот и го жртвувал на Америка и го поставил на олтарот на Американците.

„Тој стана јавното лице на пандемијата, појавувајќи се на прес-конференции, списанија и вечерни забавни емисии“, продолжуваше „Ем-ес-ен-би-си“.

„На почетокот на ковидот тој стана национален херој околу пандемијата“, истакнуваше „Си-ен-ен“, лутејќи се на фактот дека за кратко време „се трансформира во негативец за половина од луѓето во земјата“ и карајќи ги тие кои, според телевизијата, се обидоа националниот херој Фаучи „да го претворат во доктор Франкенштајн“.

„Ен-ес-ен-би-си“ го бранеше: „Електронска пошта беше прикажана на сослушувањето каде доктор Фаучи вели „доколку имате докази и верувате во тоа, ве молам веднаш пријавете го во ФБИ“. Дали ова ви личи на некој кој се обидува да ја прикрие можноста од лабораториско протекување?“, прашуваше телевизијата. велејќи дека „првото нешто што ние треба да му го кажеме на доктор Фаучи е секогаш „благодарам“.

Таа улога на американските медиуми станува се појасна откако директорката на Националното разузнавање на САД, Тулси Габард, во петокот објави декласифицирани документи поврзани со потеклото на Ковид-19, тврдејќи дека содржат нови информации за врските помеѓу истражувањата финансирани од САД, Институтот за вирусологија во Вухан и постапките на поранешниот директор на Националниот институт за алергии и заразни болести и советник на претседателот, Ентони Фаучи.

– Пандемијата на Ковид-19 предизвика огромни тешкотии и страдања за милиони наши сограѓани Американци и безброј луѓе ширум светот. По години лаги, цензура и прикривања, американскиот народ заслужува транспарентност, вистина и одговорност, рече Габард во изјава за медиумите. 

Објавувањето на документите е најновиот чекор во поширокитe напори на сегашната администрација да ги преиспита одлуките донесени за време на пандемијата, како разузнавачките и научните процеси поврзани со активностите околу Ковид-19. Објавувањето на документите доаѓа во време кога Габард се подготвува да ја напушти функцијата, откако објави дека ќе се повлече, а претседателот Доналд Трамп го назначи Бил Пулит за нејзин наследник.

Канцеларијата на директорот на националното разузнавање (ODNI) соопшти дека документите вклучуваат внатрешна преписка, обвинувања од дојавувачи и разузнавачки информации поврзани со истрагите за потеклото на пандемијата.

Габард, исто така, го обвини Фаучи дека „лажел пред Конгресот под заклетва во 2024 година“.

ODNI тврди дека Фаучи, додека бил директор на Националниот институт за алергии и заразни болести (NIAID), учествувал во дискусии поврзани со разузнавачките информации за потеклото на Ковид-19, останал во контакт со разузнавачките службеници за време на клучните фази од процесот и го надгледувал финансирањето на истражувањето на коронавирусот во Институтот за вирусологија во Вухан.

Според Габард, Ентони Фаучи насочил милиони од средствата на даночните обврзници за истражување на коронавирусите на лилјаците во Вухан. Докумените укажуваат дека Фаучи соработувал со политизирани разузнавачки службеници за да ги потисне информациите за теоријата за протекување на вирусот од лабораторијат и неговата улога во финансирањето. 

Агенцијата понатаму наведува дека некои од комуникациите се во спротивност со сведочењето на Фаучи пред Конгресот од 2024 година. Фаучи постојано ги негираше обвинувањата дека ги довел во заблуда пратениците или го прикривал потеклото на Ковид-19, нарекувајќи ги таквите тврдења „апсурдни“ за време на конгресното сослушување во јуни 2024 година.

Тој, исто така, рече дека и природното потекло и лабораториската несреќа остануваат можни објаснувања за појавата на вирусот, иако верува дека достапните докази повеќе укажуваат на природен пренос отколку на лабораториска грешка.

Американските разузнавачки агенции не донеле конечен заклучок дали вирусот потекнува од лабораторија или е природен, а тоа не се посочува и во новообјавените документи.

Ковид-19, предизвикан од коронавирусот SARS-CoV-2, првпат беше идентификуван во Вухан, Кина, кон крајот на 2019 година и беше прогласен за глобална пандемија од страна на Светската здравствена организација во март 2020 година.

Пандемијата доведе до милиони смртни случаи низ целиот свет и предизвика големи нарушувања во јавното здравје, економијата и општеството. 

МИА

Најчитани вести